For English please click here.
Како семејство многу сакаме да патуваме. Бидејќи децата се сѐ уште мали вообичаено посетуваме поблиски дестинации. Овој пат одлучивме да направиме нешто возбудливо, предизвикувачко патување, авантура: патување преку океанот со 14 месечно бебе и 7 годишно дете.
Пред самото патување еден по еден сите се разболевме. На крајот имавме само една недела да средиме сѐ што ни останало на работа и да спремиме сѐ за патувањето.
Мислејќи дека конечно сè се среди Стефан, синот, доби некој осип од храна! Во последен момент направивме тестови за алергија на храна, кои испаднаа негативни. Немаше време кога да направиме тест за интолеранција на храна, одлучивме тоа да го направиме кога ќе се вратиме. Привремено решение беше да избегнува видови на храна на кои се сомневаме.
Нашата цел беше да ги посетиме девер ми и неговата девојка во Чикаго, Илиноис, еден од најубавите градови во светот.
Тоа е долго патување, а уште подолго изгледа со мали деца. Сега замислете си пред летот да мора да патувате 3 часа со автомобил до аеродромот. Потоа ве чека 1 час летање до Истанбул, 2,5 часа чекање за трансфер и уште 11 часа лет до Чикаго. Сè на сè, околу 19 часа до конечната дестинација.
Да си олеснеме, тргнавме претходниот ден за Скопје каде преноќивме. Роднините не однесоа утрото до аеродром и се погрижија за нашиот автомобил додека не нема.
После сиот тој хаос во последните неколку денови, се најдовме на аеродромот во Скопје. До последен момент не бев сигурна дали ќе ни направат проблем за бебешката храна, пијалаците, кремовите и останатите бебешки нешта. Токму затоа една од причините зошто го избравме Turkish airlines за патување беше нивната флексибилност кога станува збор за мали деца и бебиња. Сè помина без никаков проблем.
Мила, нашиот бебуш, беше многу проблематична за хранење во тој период, сепак некако успеавме да ја најадеме пред бординг. И за полетувањето си заспа како јагненце, баш како што планиравме. Се разбуди од како слетавме во Истанбул. После наредниот оброк веќе се сместивме во следниот авион и повторно заспа при полетување. Многу ни олесна.
Морам да спомнам дека беше навистина убаво чувство колку луѓето околу нас беа фини и трпеливи кога ќе не видеа со количката и децата. Секоја предност што ни беше дадена секако ја искористивме. Така целото чекање не беше толку лошо. Доколку патувате со мали деца секогаш носете количка со вас, не само ради децата, може да ја користите да ставите јакни и дел од рачниот багаж.
Дојде време за долгиот лет. Не споменав дека за време на двата лета со сопругот седевме раздвоени во авионот. За првиот лет беше во ред, сепак е само 1 час, но за вториот… Госпоѓата која што седеше до мене сакаше да го смени седиштето, но доколку ја сместат во прва класа. Стјуардесите кои беа навистина фини, не успеаа да го решат проблемот. Па им реков нека остават како што е. Госпоѓата си доби казна подоцна. Стефан ја изнаклоца додека спиеше. И се извинав на истиот начин како што таа ми се извина што не го замена седиштето со сопругот. 🙂
Како и да е имавме убави моменти во текот на летот. Гледав 2 филма додека Мила спиеше. Стефан ги изигра сите можни игри и гледаше неколку цртани. Кога малата беше будна беше супер. И двајцата јадеа без проблеми, им се допадна авионската храна. Ако им станеше досадно одевме на прошетка низ авион да го најдеме тато, или да го посетиме тоалетот, што му беше особено интересно на Стефан. Ова му беше втор пат да патува со авион, но многу позабавно бидејќи е поголем сега. Сè на сè, не беше лошо.
Малтретирањето започна кога пристигнавме во аеродромот во Чикаго. Од како слетавме моравме да поминеме на имиграциона контрола. Бевме со туристички визи и не знаевме дека на влез буквално ќе не испрашуваат. Не бевме спремни со некои информации, по наша вина, како на пример адресата каде ќе престојуваме. Како за беља не можевме да добиеме мрежа на мобилните, па да го прашаме девер ми. На крајот момчето на шалтерот ја извади адресата од нашата апликација за виза. И немаше веќе проблем. Барем така си мислевме…
Цели 2,5 часа го чекавме багажот. Го скенираа секој куфер одделно. За среќа имавме уште нешто бебешка храна и грицки. Едвај чекавме да излеземе од аеродромот.
Децата, а и ние многу се израдувавме кога го видовме девер ми како не чека со балони. Кога пристигнавме во неговиот стан беше веќе вечер, малку каснавме и си легнавме исцрпени, што беше супер затоа што многу лесно се прилагодивме на временската разлика.
Тоа беше прекрасен месец, поминат во ветровитиот Чикаго, посетивме многу атрактивности, околни места, се сретнавме со некои од моите роднини и пријатели.
Морам да кажам дека враќањето мене не ми беше толку пријатно како одењето. Мила беше почесто будна и понапорна, но од друга страна е полесно кога си одиш дома, знаеш што те чека, а и убаво е чувството кога се враќаш каде што припаѓаш.
Мали совети доколку патувате со мали деца или бебе:
- секогаш читајте информации за правилата во врска со багаж и правила во авион, може да се разликуваат во различни компании;
- патувајте со детска количка;
- за што и да ви треба не се двоумете да ги прашате стјуардесите;
- колку што е можно повеќе, обидете се да им го задржите редот за јадење, спиење… со постепени прилагодувања на временската разлика;
- земете повеќе од колку што мислите дека ќе ви требаат, резервна облека, ќебенца, влажни марамчиња, во рачниот багаж;
- доколку авионската компанија дозволува, понесете онолку бебешка храна и пијалаци колку што сметате дека ќе ви биде доволно за целото патување, од поаѓањето од дома до пристигнувањето до крајната цел;
- носете играчки и други занимации да ги држат зафатени за долги летови;
- за рачен багаж е многу попрактично да носите ранци, во случај да треба да носите некое од децата во раце;
- доколку патувате со Turkish airlines не се обидувајте да ги резервирате седиштата преку интернет, направете го тоа преку телефон. (Тоа беше причина зошто бевме разделени).
Патувањето беше вистинска авантура која наскоро ќе ја поновиме. Веќе планираме да посетиме друга дестинација, затоа што девер ми и девојка му се преселија во друг град во САД. А и децата се покажаа како одлични патувачи.
Се надевам ова ќе биде некому од помош, добредојдени сте за прашања и коментари.
Ви благодарам што читавте.