Таjната на Охридскиот Бисер

For English click here.

♣     ♣     ♣

Бисерот е симбол на убавина, љубов, брак, богатство, невиност и совршенство.

Бисерите, со нивниот топол внатрешен сјај, низ историјата биле едни од најценетите и најпосакувани накити. Безбројни референци за бисерите можат да бидат најдени во религиите и митологијата од најрани времиња, па до денес. Античките Египјани биле закопувани со нив. Клеопатра растворала по еден бисер во чаша вино и го пиела. Грците многу го ценеле бисерот поради неговата уникатна убавина и поврзаноста со љубов и брак, додека пак Римјаните бисерите ги сметале за крајниот симбол на богатство и статус. Во текот на темното доба, додека благородните дами копнееле по деликатните ѓердани од бисери, витезите ги носеле верувајќи во нивната магиска моќ да ги штитат во битка. Во ренесансата бисерите почнале да се користат како симбол за диференцирање на класите, до тој степен што во некои Европски земји се донеле закони со кои се забранувало носењето бисери, освен за благородниците.

Природните бисери се формираат кога иритант, најчесто паразит, ќе се најде во школката. Како одбранбен механизам таа лачи течност која го обвива иритантот. Слој по слој од оваа обвивка, наречена „накре“, го создаваат бисерот. Раѓањето на бисерот е вистинско чудо.

Култивираните бисери ги споделуваат истите својства како природните. Формирањето на бисерите во школките при овој начин е речиси идентично со природниот. Единствената разлика е што иритантот во школките е свесно поставен од страна на човекот, додека потоа сè се одвива по природен пат.

Постои и тред вид на бисери кои се прават во Охрид, бисери направени од човечка рака познати како Охридски бисери. Тајниот рецепт за производство на овие бисери е чуван од две фамилии, Филеви и Талеви, пренесувајќи ја тајната од генерација на генерација како традиција долга речиси еден век.

Приказната за бисерите започнува со пристигнувањето на еден бегалец од Бајкал, Русија, по име Јован Шубановиќ, кој се преселил во Охрид поради граѓанската војна во Русија во дваесеттите години на XX век. За време на неговиот престој во Охрид, станал многу близок пријател со Никола Филев, кој бил познат по неговата великодушност и кој бил сопственик на ресторанот во кој Јован поминувал голем дел од неговото време. На прошетките покрај езерото Јован забележал дека Охридското Езеро има многу слична фауна како Бајкалското, од кадешто доаѓал. Посебно интересна за него била малата риба, Плашица, која ги разбудила спомените за неговата фамилијарна традиција, занает кој бил дел од неговиот идентитет –правењето бисери. На Бајкалското Езеро бисерите се произведувале повеќе од 700 години. Бајкалското и Охридското езеро се две од трите најстари езера на светот.

Од егзистенционални причини одлучил тајниот рецепт да го продаде на фамилијата Талеви во 1924та година. Подоцна, 1928та, оваа тајна ја пренел на неговиот добар пријател Никола Филев. Овие фамилии сè уште ја чуваат тајната во рамките на фамилијата и прераснаа во Македонски бренд на накит со сертификат, интернационално препознат како бренд: „Охридски бисер“ со Декларацијата од Лисабон во 2013та година, како и со други документи признат на национално ниво.

Низ годините рачно изработениот накит еволуира, се комбинира со филигран и други материјали и стилови, од верни на традицијата до ултра модерни модели за иднината. За мене секогаш најубави ќе бидат класичните бисери кои можат да се видат во продавниците на овие две фамилии.

Охридскиот бисер е уникатен производ кој се состои од два природни материјали: основата, која ја претставува школката, срцето на школката во која се создава природен бисер наречен мајка на бисерот, ист материјал од кој природниот бисер се создава; и вториот, емулзијата направена од крлушките на Плашицата. Создавањето на оваа емулзија, течното сребро, е тајната зад Охридскиот бисер.

miso
Михајло и Никола Филеви

Дури и четките со кои се нанесува емулзијата се од природен материјал направен од коњски влакна, влакна од верверичка или камила, со цел да не оставаат линии при нанесувањето. Зависно од големината на бисерот која сака да се постигне, може да се нанесат повеќе слоеви од емулзијата, а помеѓу секој слој неопходни се 45 минути за да се исуши. Ова е долг процес кој бара внимание и вештина.

Низ годините бројни кралици, политичари, ѕвезди и сл. ги имаат носено Охридските бисери. Еве неколку од нив:

juliana
Холандската кралица Јулијана
420992_404673949558916_84974227_n
Шведскиот крал Густаф и кралицата Силвија
elizabeta
Кралицата Елизабета
princess-diana
Принцезата Диана
margareta-244x300
Данската кралица Маргарета
jelisaveta karagjordjevic
Михајло Филев со Јелисавета Караѓорџевич

Фамилиите работеа напорно за да ја одржат оваа традиција и да ја пренесат на наредните генерации за да бидат признаени и заштитени како бренд. Во оваа област посебно се истакнува Михајло Филев како четврта генерација на фамилијата Филеви, со начинот на кој го презентира и афирмира Охрид како туристички град преку знакот на Охридскиот бисер. Еден од начините со кои го зголемува светското реноме на бисерите е преку поклонување на важни личности од разни земји. На наредната фотографија може да ги видете неговите ќерки, како петтата генерација која ги учи убавините на фамилијарниот занает.

12695657_10205450647166359_1659911447_o-1
Ирма и Мина Филеви

Ова се новите амбасадори кои ќе ја продолжат традицијата и претставуваат нивната фамилија, нивниот град и земја преку Охридскиот бисер.

Бисерите од фамилијата Филеви можат да се најдат во нивните продавници во Охрид и една продавница во главниот град Скопје, додека Музејот посветен на Охридскиот бисер се наоѓа во близина на цркавата Св. Софија во Охрид. Повеќе информации на нивната веб страна или следете ги на ФБ страната.

За секој еден кој го посетува Охрид, најдобриот поклон или сувенир е Охридскиот бисер. За оригиналните ќе добиете сертификат кој е гарант за потеклото и квалитетот. Мора да знаете каде да ги најдете оригиналните и се надевам дека овој пост помогна. Секоја дама може да си го дозволи Охридскиот бисер и да се чувствува како кралица во секоја пригода.

Локација во Охрид:

Филеви Продавница I

Филеви Продавница II

Музеј и Продавница III

Локација во Скопје:

Продавница MISS PEARL ГТЦ – приземје, Скопје

Facebook страна со контакт за Скопје

Доколку сакате да видите повеќе од Охридскиот Бисер посетете го постот Охридски Бисер за секоја дама.

Assay

7 thoughts on “Таjната на Охридскиот Бисер

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.