
Пред една година го создадов Whisper – блог за патување и животен стил. Верувајте воопшто не изгледаше како што изгледа денес. Во текот на таа една година еволуираше со што ги опфати и другите платформи на социјалните мрежи, како и оваа веб страна. Со текот на времето растеше и се менуваше, исто како и јас.
Откако ги изгледав сите можни YouTube видеа за почнување на блог и куп поставени прашања до моите пријатели, нареден чекор беше правење фотографии и пишување за тоа што ми претставува страст. На тој начин возбудливо влегов во овој магичен свет на блогирање минатата година.
Би сакала да издвојам неколку минути и да ги напишам работите кои ги научив за блогирањето, а и за себе, откако станав блогер. Добро е повремено да се потсетиме од каде сме, што сме научиле и да се обнови возбудата за понатамошно творење.
Еве што научив во оваа мината година
- Блогирањето одзема многу време. Неопходно беше да го балансирам посветеното време за блогирање со семејството и работата која ги плаќа сметките и се останато.
- Да го правам она што ме прави среќна. Времето лета, никого не чека, треба максимално да се искористи за она што најмногу го сакаме.
- Блогирањето како креативен израз испадна многу добро за моето емотивно здравје. Конечно најдов начин како да ја искористам креативноста, при тоа и нешто корисно да произлезе и остави трага. Во секојдневното лудило блогирањето е нешто што ме опушта и исполнува.
- Блогирањето ми донесе пријателства со луѓе кои сеуште не сум ги ни сретнала, а секојдневно контактираме преку социјалните мрежи, особено Инстаграм. Инстаграм знае да биде и напорен, исполнет со негативност, во секој случај помалку од другите социјални мрежи, поради што претставува единствена социјална платформа која активно ја користам.
- Да се грижам помалку за она што другите мислат за мене. Нема што да се замарам, се грижам за својата среќа и среќата на моите најдраги.
- Трудот и потрошеното време треба да се наплаќаат како и во секоја друга работа. Направив некои работи бесплатно, и да бидам искрена сеуште учам како да наплаќам, незнам зошто ми е тоа толку тешко. Да се потсетиме на #1.
- Запомнете дека сте уникатни, имате приказна да раскажете и не постои друг блогер ист како вас. На останатите тоа може да им се допаѓа или не. Да се потсетиме на #5.
- Никогаш да не се споредувам. Секогаш ќе има некој со повеќе следбеници, што добива повеќе лајкови, повеќе соработки и спонзорства, изгледа помодерно и така натаму и така натаму. Фокусирајте се на вашиот блог, вашиот Инстаграм, вашиот живот.
- Сакам да фотографирам, во минатиов период научив повеќе и за уредување на фотографиите што е речиси подеднакво важно. Постојат прекрасни апликации кои можете да ги користите на смарт телефон.
- И за крај ценете ги вашите следбеници и читатели. Тие си имаат свој живот и често се презафатени. И знаете што- Има толку многу блогери, а овие ваши читатели избрале токму вас да ве читаат. Бидете благодарни дури и ако се тоа само неколку стотина или неколку илјади.
Благодарна сум на сите вас мои пријатели, читатели, следбеници, кои всушност се грижите за овој мој мал простор на интернетот. Како и секогаш ви благодарам за читањето. Немате претстава колку го ценам секој од вас.
Секогаш сум отворена за нови идеи и промени. Доколку сакате да видите нешто друго на блогот слободно коментирајте или контактирајте ме директно преку Контакт страната. Ви благодарам!
На уникатен начин го уредуваш блогот…супер си.
LikeLiked by 1 person
Благодарам од срце
LikeLike