
Значи размислувате да започнете блог? Немате идеа од каде да започнете, нели? Верувајте немав ни јас. Појма немав! Но, затоа сега сте на вистинското место да научите нешто повеќе од моето искуство.
Една од заблудите е дека за да бидете успешен блогер треба да бидете одличен писател. Луѓето читаат блогови за да ја слушнат личната перспектива на нештата, па повеќето блогери пишуваат на неформален и разговорен стил.
Сега ќе ги запишам некои од работите кои би требало да ви бидат од помош доколку се решите да навлезите во водите на блогирањето. Така можеби и нема да ги правите истите грешки како и јас кога започнав со блогот.
Ова се препораките кои што можам да ви ги дадам од досегашното искуство:
- Дефинирајте за што ќе пишувате. Кога се изградувате како блогер треба да знаете што е вашата страст. Дали е тоа патување, готвење, семејството, мода… Доколку сте ја нашле својата страст пишувајте за неа. Во спротивно прво пронајдете ја, или само ќе лутате.
- Дефинирајте ја вашата публика. Откако ќе дефинирате што, треба да знаете и за кого ќе пишувате, односно кој ќе го чита вашиот блог. За мене тоа беше тешко. Затоа започнав со блог за патување и животен стил.
- Бидете свои. Дел од тоа да се биде интересен е да се раскаже сопствената приказна. Секоја личност е уникатна, а вашата приказна е важна. Не плашете се да ја раскажете.
- Додајте вредност. Вашиот блог треба да додаде вредност на животот на читателите. Ова е единствен начин на кој ќе добиете квалитетни читатели кои повторно и повторно ќе се враќаат на вашата страна.
- Бидете оригинални. Колку и да звучи тоа тешко во денешно време, особено затоа што постојат многу други блогови за тоа што сакате да го пишувате, сепак вие сте она што го прави вашиот блог уникатен. Станува збор за вашата перспектива, вашата креативност, вредноста која вие ја додавате.
- Бидете интересни. Особено доколку сакате луѓето да го споделат тоа што го пишувате со останатите. Со тек на време ќе го пронајдете и изградите вашиот стил и начин на пишување. Искуството ќе ве научи што е она што дава позитивни резултати, а што не. Само бидете свои.
- Време. Одкако ќе започнете со блогот ќе откриете дека блогирањето одзема многу време. На почетокот поминував саати на блогот и на Инстаграм, трудејќи се да откријам што е добро за мојот блог. Па не знам колку пати го променав дизајнот на страната, најчесто и без да знам што правам. Штом веќе сте ја средиле страната, не губете време во модификации, потрошете го тоа време во пишување.
- Визија. Навистина е тешко да се создаде блог убав за око доколку не знаете како сакате да изгледа. Не е добра идеа да се споредувате со други блогери, но понекогаш и другите блогови можат да ве инспирираат или да ви дадат нови идеи.
- Популарност. Не очекувајте да станете „славни“ преку ноќ и да заработувате големи суми од блогот. Можеби и никогаш тоа нема да се случи. Со добра содржина, истрајност и упорност и тоа е можно, дадете си време.
- Време на објавување. Сметав дека секогаш треба да објавувам статии во одредени денови. Со тек на време сфатив дека не е важно. Важно е редовно да се пишува, што за мене претставува проблем во одредени делови од годината поради мојата друга работа. Сепак, внимавајте во кој дел од денот објавувате статии.
- Истражување. Секогаш вреди да се потроши време на истражување на тоа за што пишувате. Содржината ќе биде поавтентична и релевантна доколку ставите некој линк како дополнително објаснување на темата за која пишувате.
- Фотографија. Ставете своја фотографија на блогот. Луѓето се идентификуваат со другите луѓе. Притоа избегнете да користите селфи, само ќе изгледате непрофесионално.
- Социјални мрежи. Препорачувам користење на Instagram, Facebook и Tweeter за да се поврзете со својата публика како и со други блогери. Само немојте да претерате во нивното користење, на прво место нека ви биде пишувањето, потоа социјалните мрежи.
- Поврзете сè со други блогери. Тоа е добар начин да се започне раст на блогот, а со тоа и сообраќајот. Со следење и читање на други блогери, реблогирање на нивни статии, коментари и сл. ќе ви биде возвратено со иста мера. Започнете од Facebook групи соодветни за вашиот блог.
- Живејте го животот. Не дозволувајте да се најдете во ситуација да блогирате за својот живот наместо да го живеете.
Се надевам дека сето ова ќе биде корисно за сите нови блогери кои налетале на оваа статија. Додека на тие кои веќе се впуштиле во овие води дека ќе биде потсетник дека секогаш постои нешто ново што може да се научи. И јас сеуште учам. Доколку поискусните блогери сакаат нешто да додадат, слободно направете го тоа во коментари.
Ви стојам на располагање за сите прашања и сугестии. Ви благодарам за читањето и ви посакувам среќно блогирање.
Одлични совети!
LikeLiked by 1 person
Blagodaram!
LikeLike